Британските веб-локации можеби ќе треба да идентификуваат „тролови“

Според новите предлози на британската влада, операторите на веб-локациите наскоро можеби ќе мораат да ги идентификуваат корисниците кои поставуваат пораки со погрдни и клеветнички содржини на интернет, за да можат жртвите на тие пораки да преземат правни мерки против „троловите“.

Во моментов, во Обединетото Кралство, операторот на веб-локацијата е одговорен за сè што се појавува на неговата веб-локација и може да биде изведен пред суд од секој што тврди дека била поставена погрдна содржина за него/неа на таа веб-локација. Веб-локациите сега отстрануваат такви содржини штом ќе се пријави, без оглед на тоа дали подносителот е во право или не.

„Според законот, поединци може да бидат предмет на навредливи гласини и наводи поставени на интернет, а има мал број правни мерки што би можеле да се преземат против одговорното лице. Генерално, веб-операторите се одговорни како издавачи за сè што се појавува на нивните веб-локации, иако содржината често ја поставуваат нивните корисници“ вели министерот за правда Кен Кларк.

Британското министерство за правда предлага Закон за клевета, за кој се дискутира во Долниот дом, а кој ќе ги принуди операторите да го идентификуваат лицето што поставило погрдни содржини и да и ги дадат тие информации на жртвата за тој (таа) да може да покрене постапка директно против лицето кое ја поставило таквата содржина.

Владата вели дека ќе се преземат и мерки за зајакнување на слободата на говорот и за спречување лажни барања чија цел е да се издејствува отстранување на содржини. „Ќе биде многу важно да се осигури дека овие мерки нема да ги откријат вистинските информатори, а правиме и напори да ги добиеме вистинските информации за да го намалиме овој ризик“, изјави Кларк.

Сегашната одлука, според која во моментов се брои секое одделно прегледување на контроверзната интернет-страница како посебен прекршок со клевета, ќе се отстрани и ќе се воведе рок од една година за барањата за отстранување клеветнички содржини, со цел да се спречи луѓето да се жалат за стари написи.

Меѓутоа, поборниците за приватност се загрижени за можната злоупотреба што може да ја донесе новиот предлог-закон. Прајваси интернешнл смета дека голем дел од содржините поставени на интернет од страна на тролови, всушност не претставуваат клевета туку „малтретирање, нарушување на приватноста или едноставно непријатно, но законски изразено мислење“ и се загрижени дека „претпазливите веб-оператори ќе започнат автоматски да ги откриваат информациите за корисникот веднаш штом некој ќе се пожали на клевета, со цел да се заштитат од постапките за клевета“.

“Ако треба да избереат помеѓу заштитата на анонимноста на корисниците и избегнувањето на потенцијално скапа тужба, многу мал број оператори ќе се грижат за тоа дали корисникот навистина го клеветел подносителот на жалбата“, изјави за BBC News, Ема Дрејпер, раководител за комуникации во Прајваси интернешнл.

Засега, интернет-провајдерите се чини дека се критички настроени кон предлогот затоа што ќе бидат принудени да складираат повеќе информации за употребата на интернетот и е-пораките. Предлогот ќе ги принуди да го блокираат и целиот пристап до порнографски веб-локации, освен ако клиентите имаат поинакво барање.

Извор: ЕДРИ-грам „UK websites might have to identify “trolls” бр. 10.12, 20 јуни, 2012.

Comments are closed.