Резултати од мини-истражување за ставовите на студентите во врска со користењето на интернетот и социјалните медиуми

Во текот на 5 дебати за социјални медиуми, кои се одржаа во текот на месец април, 2012 година, како дел од проектот Социјални медиуми за демократија, Метаморфозис спроведе мини-истражување за ставовите на младите во врска со употребата на интернетот и социјалните медиуми. Во истражувањето учествуваа 154 студенти од 4 универзитети во Република Македонија.

Прашалникот се состоеше од 24 прашања поставени на Ликертова скала, на која студентите изразуваа во колкав степен се согласуваат или не се согласуваат со дадената изјава и неколку прашања од статистичка важност.

Па така, прашањата од статистичка важност ги дадоа следните резултати:

  • 46,1% од испитаниците се од Државниот универзитет во Тетово, 29,22% од Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје, 17,53% од Универзитетот ФОН во Скопје и 7,14% од Европскиот универзитет во Скопје.
  • Од вкупниот број на учесници, 86% се на возраст до 25 години, 10% се на возраст до 34 години, а останатите 4% не одговориле на ова прашање. Според половата застапеност, 56% од учесниците се машки, а 41% женски.
  • Од оние кои одговориле на прашањето за националноста, 47% се изјасниле како Македонци, 45% како Албанци, а вкупно 4% отпаѓаат на учесници кои се изјасниле како Турци, Бошњаци, Срби, Црногорци, итн.
  • Најголем дел од испитаниците се од Скопје и Тетово, но меѓу останатите има жители на Гостивар, Прилеп, Дебар, Кичево итн.

Останатиот дел од прашалникот обезбеди вредности кои се однесуваат на ставовите на студентите околу употребата на интернетот и социјалните медиуми, нивната приватност на интернет, како ги користат социјалните медиуми и што најчесто споделуваат, што мислат за цензурата на овие медиуми итн.

Па така, најголем дел од испитаниците, односно 87,66% имаат профили на социјалните мрежи, што укажува дека социјалните мрежи се дел од секојдневието на младите. Дополнително, 70% се изјасниле дека не ги следат трендовите, па со појавата на нови социјални мрежи, не создаваат нови профили.

65,6% од испитаниците изјавиле дека повеќе се информираат преку социјалните отколку преку традиционалните медиуми, а 77,3% од учесниците минимум еднаш во денот проверуваат што се случува на социјалните медиуми.

Околу прашањата за приватноста, 55% од испитаниците се согласуваат со изјавата дека при посета на еден веб-сајт важно им е тој да поседува политика за приватност. Сепак, дури 27% од испитаниците при отворање на нов онлајн профил не ги читаат информациите за употреба на нивните лични податоци.

63% имаат пријатели на Фејсбук кои не ги познаваат во живо, а интересен е фактот што 34% постојано објавуваат фотографии од дружбите со друштвото и ги означуваат (tag) нивните пријатели, а 51% ги споделуваат своите лични размислувања преку Фејсбук или Твитер.

Значаен процент од испитаниците, 70% се согласуваат дека социјалните медиуми им се корисни во секојдневието.

Дали студентите внимаваат на својата приватност, што откриваат на социјалните медиуми, што мислат околу можностите за промоција, можноста за развој на кариерата, цензурата во овие медиуми, како и заклучоците и препораките на истражувачите, прочитајте во целосниот извештај.

Comments are closed.