Македонија: Отворена меѓународната конференција „Модернизација на легислативата за заштита на личните податоци во Европа“

На 29 мај 2012 г. во Скопје беше отворена меѓународна конференција Модернизација на легислативата за заштита на личните податоци во Европа, организирана од Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ (ДЗЛП) со поддршка од ЕУ во рамки на проект од ИПА 2008.

На настанот учествуваат околу 120 учесници од Македонија, Полска, Чешка, Германија, Бугарија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и претставници на европските институции од Брисел и Стразбур.

На отворањето, претставникот на Делегацијата на ЕУ Роберт Лидел (Robert Liddell) ја нагласи важноста на заштитата на приватноста за подобрување на животот на секој граѓанин но и за развојот на деловниот сектор.

Директорот на ДЗЛП Димитар Ѓеорѓиевски укажа дека нивниот пристап е градење партнерски однос со контролорите, без разлика дали се од јавниот или приватниот сектор.

dbyos
На настанот преку видео-порака се обрати и Џовани Бутарели (Giovanni Buttarelli), помошник супервизор на Европскиот надзорен орган за заштита на личните податоци, кој потсети дека во иднината „нè очекува многу поразличен свет“ од оној на кој сме навикнати и дека технолошките и општествените промени водат до потреба од прилагодување на законските рамки, на кои веќе се работи на ниво на ОЕЦД и Советот на Европа.
Според Бутарели, европските искуства покажуваат дека  „нема потреба да се измисли нова рамка за заштита на личните податоци, туку е потребно нејзино доследно спроведување“, при што државите треба да обезедат поголема поддршка и ресурси за институциите одговорни за заштита, кои „мора да бидат слободни од било какво директно или индиректно влијание при вршењето на своите должности.

Во текот на сесијата за начелата на одговорност и отчетност при заштитата на лични податоци Катарина Цвадрат-Г`жбовска  (Katarzyna Cuadrat-Grzybowska) од Европскиот супервизор за заштита на лични податоци од Брисел нагласи дека принципот на отчетност се однесува на секој контролор на податоци, кој мора да примени соодветни мерки за заштита, при што заштитата на лични податоци мора да е дел од фазата на дизајн (data protection by design). „Кога градите нов систем, мора да мислите на заштитата на приватноста и личните податоци од почетокот. Додавањето на овој аспект во веќе завршени системи е многу скапо“.

Конференцијата продолжува во текот на денешниот и утрешниот ден (29-30 мај) со работни сесии на следните теми, опфатени со агендата (пдф):

  • Нова улога на Бордот за заштита на личните податоци (European Data Protection Board)
  • Модернизација на Конвенцијата 108 на Советот на Европа
  • Нова легислатива за заштита на личните податоци и начелата на оценка на влијанието врз приватноста, како и нејзина примена во пракса
  • Соработка во областа на заштита на лични податоци преку проекти финансирани од ЕУ

Извор: Порталб.мк „Maqedoni:Na pret një epokë e re,ritet nevoja për mbrojtje të privatësisë“ 30.05.2012.

Comments are closed.