Заврши конференцијата за слобода и приватност на интернет

Меѓународната конференција „Слобода и приватност на Интернет“, организирана од Фондацијата Метаморфозис и Институтот за мир и човекови права од Каен, Франција, заврши на 22 мај, 2012 година, со дебата за социјалните медиуми како слободна територија за активизам.

Говорниците на дебатата, Харис Алишиќ, експерт за социјални медиуми од Ал Џезеира Балкан, Филип Стојановски од Метаморфозис, Сеад Џигал, комуниколог и експерт за социјални медиуми, Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум од Скопје, ги посочија огромните потенцијали на социјалните медиуми.

Панелистите на дебатата за социјалните медиуми како слободна територија
Панелистите на дебатата за социјалните медиуми како слободна територија


Големо внимание на дебатата беше посветено и на проблемите што социјалните медиуми и нивното користење ги носат со себе. Филип Стојановски го постави прашањето дали можеби не се преценува моќта на социјалните медиуми а Дона Костуранова се наврати на проблемот што малкумина ги разбираат социјалните медиуми како инструмент за јакнење на општествената дебата за различни прашања, како и на проблемот со говорот на омраза што постојано се јавува на секој обид за отварање дебата по одредено прашање.

Харис Алишиќ нагласи дека режимите во многу држави се плашат од потенцијалите на социјалните мрежи и чувствуваат потреба да ги контролираат. Се наврати и на тековната расправа за приватноста и безбедноста на интернет, со тврдење дека анонимноста всушност е привид, затоа што на интернет и така и така постојат многу информации за луѓето за кои тие не се свесни.

„Ако не ги користите социјалните медиуми, тоа не значи дека ќе останете анонимни. Тоа само значи дека им дозволувате на други да ја креираат сликата за вас“, рече Алишиќ.

Сеад Џигал потврди дека појавата на социјалните медиуми ја менува културата на комуницирање, но и додаде дека социјалните мрежи не можат да ги заменат традиционалните медиуми, кои и понатаму го диктираат јавниот дискурс и ги имаат вештините за структурирање на информациите со следење на барем некакви професионални стандарди.

Одговарајќи на интервенција од публиката, Џигал ја доведе во прашање тезата дека социјалните медиуми, сами по себе, можат да водат до промени.

„Социјалните медиуми се само алатка, само инструмент, а не и генератор на промените. Во Северна Африка веќе постоеше набој и доволна желба за промени кај граѓаните, а тие по сила на приликите мораа да се свртат кон социјалните мрежи, затоа што сите канали кон традиционалните медиуми им беа затворени“, рече Џигал.

Инаку, вчерашните три сесии на конференцијата беа посветени на прашањето на слободата на изразување на интернет и во медиумите.

На првата сесија, посветена на цензурата во медиумите, Александр Балги-Галуа од Репортери без граници зборуваше за цензурата во Балканските медиуми и како правните и економските аспекти влијаат на слободата на изразувањето во медиумите и на појавата и на цензура и самоцензура. Балги-Галуа го спомна проблемот на економските притисоци врз медиумите како и врз новинарите, преку нерегулираниот и несигурниот статус на нивното вработување – што според него доведува до тоа новинарите да се однесуваат како платеници кои пишуваат по нарачка, лошата примена на постоечкото законодавство, а особено го спомна проблемот на сè поголемото влијаните на организираниот криминал во медиумите, пред сè преку акционерството.

„Криминалните организации денес претпочитаат да ги контролираат медиумите наместо да се обидат да ги уништат или да ги заплашат“, рече Балги-Галуа.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија говореше за притисоците врз медиумите, нееднаквиот третман од државата – преку владиното рекламирање и нееднаквиот третман што различни медиуми го добиваат пред законите, како и за неуспешниот обид за дијалог со Владата за потребните реформи во медиумскиот сектор.

Снежана Трпевска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста се осврна на прашањето на регулацијата на содржините на медиумите, која „не е еднаква на цензура, но често се злоупотребува за да се постигне цензура“, и додаде дека иако постои потреба од регулација на содржините на интернет, интернетот сам по себе не е податлив за регулацијата што се применува на традиционалните медиуми.

Никола Младенов, основач на дневниот весник Фокус и на истоимениот неделник говореше за неговите искуства, како и за искуствата на други медиуми во Македонија со цензурата, а Камелија Иванова од Асоцијацијата на европски новинари од Бугарија ги претстави своите искуства на тоа поле како и перцепциите што самите новинари во Бугарија ги имаат за слободата на изразувањето во сопствените медиуми и во државата во целост.

Нашата Валентина Пелизер и Мирјана Најчевска на сесијата за говорот на омразата

Валентина Пелизер и Мирјана Најчевска на сесијата за говорот на омразата


На втората сесија, посветена на темата на „Државата и медиумите“, говореа Себастјан Ботро-Бонтер од Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, Роберто Беличанец од Центарот за развој на Медиуми, Алида Каракуши, независен издавач и блогер од Албанија и Дамјан Георгиевски од Слободен Софтвер Македонија.

Ботро-Бонтер говореше за обидите на државите да го освојат и контролираат интернетот, нудејќи го примерот на Кина која смета дека „интернетот е сопственост на кинеската држава“, како и за потребата да се обезбеди пристап до информациите и заштита за луѓето што пренесуваат информации.

Роберто Беличанец говореше за разликите помеѓу националистичкиот и либералниот концепт за улогата на новинарството во контекст на Балканските држави, како и за притисокот на национализмот кој новинарите ги трансформира од кучиња чувари на демократијата во бесни пци на пропагандата, при што новинарството во националистичките режими, како што рече „е еднакво на субверзија“.

Алида Каракуши ги претстави своите искуства на активист и блогер, а Дамјан Георгиевски зборуваше за злоупотребите на законодавството за авторските права за задушување на слободата на изразување.

На втората сесија, посветена на слободата на изразување и говорот на омраза, Валентина Пелизер, извршна директорка на Фондацијата Еден свет – платформа за Југоисточна Европа, претстави неколку експлицитни примери на говор на омраза од Босна и Херцеговина, при што напомена, преку примерот на судирот помеѓу Акција на граѓаните (БиХ) и порталот Е-новине, дека дури ни луѓето што би требало да се на иста страна на линијата не се имуни од користењето на најгрд говор на омразата кон оние што не се согласуваат со нив.

Александр Балги-Галуа говореше за законските ограничувања на слободата на изразување и говор, а Мирјана Најчевска и Жарко Трајановски говореа за примерите на говор на омразата во Македонија. Трајановски ја посочи поентата дека во Македонија се ограничува слободата на говорот, а се штити слободата на говорот на омраза, додека Најчевска, посочувајќи на непостоењето на реакција на институциите против оние што користат говор на омраза, го наведе и својот пример во кој е тужена од еден новинар за „предизвикување на омраза кај него со своите постапки“.

На крајот, претставниците на Слободен софтвер Македонија кои паралелно со конференцијата одржуваа работилници за помош на полето на енкрипција на податоците, користење на софтвер за анонимно сурфање, заштита на приватноста на децата на интернет и прилагодување на поставките за приватност и обезбедуваа слободен безжичен пристап до интернет за време на конференцијата, ги претставија своите наоди за безбедносните навики на учесниците на конференцијата кои пристапиле на интернет преку нивната мрежа.

Конференцијата ја затвори Себастјен Ботро-Бонтер од Меѓународниот институт за мир и човекови права од Каен.

Презентациите на говорниците може да ги видите на Слајдшеар.

Настанот е дел од долгогодишниот проект за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и регионот Долна Нормандија, поддржан од мрежата Франција-Балкан.

Comments are closed.