ЕУ: Нова стратегија за побезбеден интернет и подобри содржини на интернет за децата и тинејџерите

Европската комисија подготви план со кој на децата ќе им се обезбедат дигиталните вештини и алатки кои им се потребни за целосно и безбедно да ги користат придобивките од дигиталниот свет.

Децата не беа земени предвид при дизајнирањето на интернетот, но денес 75 % од децата го користат интернетот, а една третина од нив користат интернет преку мобилни телефони. Новата стратегија е да се изгради пазарот за интерактивни, креативни и едукативни содржини на интернет, во партнерство меѓу Европската комисија и земјите-членки, мобилните оператори, производителите на телефони и друштвените мрежи.

Потпретседателот на Европската комисија Нели Крос изјави: „Јас ја поддржувам идејата секое дете да има пристап до интернет, но на децата им требаат едноставни, транспарентни и конзистентни интернет-алатки, како и знаења и вештини да ги користат. Нашата иницијатива ги здружува сите чинители, за децата да добијат повеќе квалитетни содржини, услуги и заштита кои им се потребни за позитивно доживување на интернет“.

Потпретседателот Вивиен Рединг, Комесарот на ЕУ за правда изјави: „Интернетот им нуди нови можности на децата и тинејџерите да бидат креативни и да се изразуваат слободно. Бидејќи интернетот првично беше наменет за возрасни, а не за деца, треба да овозможиме безбедност за децата на интернет. Новата Стратегија на Европската комисија ќе помогне во заштитата на правата на децата, како и во нивната заштита од насилство. Ова е рационален пристап кој ќе помогне интернетот да се приспособи кон потребите на децата“.

Европскиот комесар за внатрешни работи, Сесилија Малмстром, изјави: „Живееме во дигиталното доба и помладите генерации се најактивните на интернет. На овие млади луѓе воопшто не им претставува проблем користењето на интернетот, но тие се сè уште ранливи кога станува збор за опасностите на интернет. Наша должност како родители е да овозможиме безбедност за нашите деца – вклучително и на интернет. Треба да ја зајакнеме соработката на европско и меѓународно ниво во борбата против компјутерскиот криминал, а особено против најужасните дела како што се сексуалната експлоатација и ширењето материјали со сексуална злоупотреба на деца преку интернет“.

Различните пристапи на национално ниво значат дека децата во ЕУ уживаат различни нивоа на еманципација и заштита на интернет. Ова им отежнува на компаниите да воведуваат на пазарот на ЕУ сервиси и производи наменети за деца. За да се надминат овие пречки, Комисијата наведе низа мерки, кои ќе се спроведуваат на различни начини, како и по пат на саморегулирање на индустријата, што треба да резултира со флексибилни и брзи решенија во оваа област. Коалицијата за подобар интернет за децата ќе биде од суштинско значење за овој процес. Активностите се групирани околу четири главни цели:

  • Да се стимулира создавањето на креативни и едукативни содржини на интернет за деца и да се развијат платформи кои овозможуваат пристап до содржини соодветни на возраста
  • Подигнување на свеста и едукација за безбедноста на интернет во сите училишта низ ЕУ, за развивање на детската дигитална и медиумска писменост и одговорноста на интернет
  • Создавање безбедна средина за децата, во која родителите и децата ги имаат алатките потребни за нивна заштита на интернет – како што се механизми кои се лесни за користење и со кои може да се пријават штетни содржини и однесување на интернет, транспарентни стандардни поставки за приватност соодветни на возраста или родителски контроли кои се лесни за користење;
  • Борба против материјали со сексуална злоупотреба на деца на интернет преку промоција на истражувања за (и употреба на) иновативни технички решенија при полициските истраги.

Извор: Europe’s Information Society „Digital Agenda: New strategy for safer internet and better internet content for children and teenagers“ 2 мај, 2012.

Comments are closed.