На 16.06.2010 г. Собранието на РМ ги усвои контроверзните измени на Законот за електронски комуникации за кои правните експерти и НВО кои се борат за човекови права предупредуваа дека ја нарушуваат приватноста на граѓаните.

Измените беа донесени по брза постапка во процес при кој власта не обезбеди услови за аргументирана стручна јавна дебата во која би имале можност да земат учество сите заинтересирани страни. Претставници на власта исто така одбија да земат учество во дебатите покренати од граѓанскито сектор.

Врз основа на стручните анализи на предложените измени и заклучоците од тркалезната маса организирана од Фондацијата Метаморфозис на 4 јуни, 16 НВО упатија повик за повлекување на проблематичните законски измени, кој беше предаден до сите пратеници и претставниците на извршната власт на 11 јуни. Во меѓувреме поддршка за иницијативата искажаа и над 400 индивидуални граѓани.

Владеачкото мнозинство се оглуши на повиците за подигање на квалитетот на предложените измени и под изговор дека безбедноста е најголем приоритет ги изгласа на 17 јуни 2010 година. Според Алфа ТВ, опозицијата најавила дека ќе го оспори овој закон пред Уставен суд.

Меѓу другото, стручњаците укажаа дека наспроти уставните одредби кои дозволуваат прислушкување само во посебни случаи со судски налог, со измените се наложува на телекомуникациските оператори да обезбедат постојан и директен пристап на полицијата до податоците за сообраќајот и геолоцирање на корисниците. При тоа, низата оставени нејаснотии овозможуваат заобиколување на воспоставените правни норми, оти со измените не се дефинираат точните должности и надлежности, механизмите за спречување и санирање злоупотреби. Сето ова е во директна спротивност и со меѓународните договори чиј потписник е Република Македонија, како и со релевантните директиви на ЕУ.

Паралелно со заедничкиот повик, со сопствени анализи се произнесоа невладините организации

Брза реакција на ова случување објави и еден од најпопуларните светски блогови, Боинг боинг, во пост од писателот и новинар Кори Доктороу, кој ја искоментира незаинтересираноста на парламентарците која се огледа од тоа што законот е усвоен 55 гласа „за“ и само 9 гласа „против“. 

Читателите од странство преку коментари исто така укажаа дека со вакви закони Македонија нема никакви шанси да стекне углед како место кое е убаво за посета или погодно за инвестирање, особено во ИТ-индустријата.

На Твитер, дискусија на темава се одвива под хаштагот #privatnost.